Второто коло од Супер лигата ја донесе езерската пресметка во „Билјанини извори“ каде ГРК Охрид убедливо ја совлада РК Струга со 40:16.
Разликата во квалитет помеѓу двете екипи беше очигледна, за што говори и резултатот во натпреварот кој секогаш го носи епитетот Езерско дерби. И додека на трибинати се одвиваше вистински дуел помеѓу навивачките групи „Рибари“ и „Паткари“, на теренот доминираше една екипа. Охрид почна силно и по 10 минути игра на семафорот стоеше 10:1. До крајот на мечот ништо не се смени. Охрид не играше во полн ритам и со првиот тим, напротив, шанса добија сите играчи, меѓу кои младиот Илија Трајчески.
За мене ова Езерско дерби е од огромно значење, добивам со овој натпревар на искуство, ја чекам својата шанса и секако сакам да се покажам во најдобро светло. Имаме далеку поквалитетна екипа, екипата на Струга е борбена, но резултатот секако е во наша полза, изјави по мечот младиот Трајчески.
Најефикасни во редовите на Охрид беа Ристески и Цирар со по седум погодоци.
Статистика ГРК Охрид: Чаневски, Стрмљан 2, Ојлески, Иванковиќ 2, Кукуловски 5, Вејин 4, Трајчески 1, Ристески 7, Тасески 5, Савревски 1, Јотиќ, Лијапис 2, Бојаниќ 1, Петриќ 3, Цирар 7, Ѓорѓески.
Во следното коло ГРК Охрид му гостува на Вардар во Скопје.
Г.М.
Фото А. Момироска