Популарните чет-ботови како „Мета АИ“, „Гемини“, „Чат ГПТ“ и „Дипсик“ собираат значителна количина кориснички податоци, покажува најновото истражување на сајбер-безбедносната компанија Surfshark.
Анализата на 10 водечки апликации открива дека сите чет-ботови прибираат одреден вид информации, во просек 14 од можни 35 категории податоци, вклучувајќи локација, контакти, историја на пребарување и содржина на разговорите, покажува истражувањето на Surfshark.
Најголем „собирач“ на податоци е „Мета АИ“, кој прибира дури 33 од 35 категории, вклучително и чувствителни информации како политички ставови, религија или биометриски податоци.
Следува „Гемини“ на „Гугл“, кој собира околу 23 типа податоци, меѓу кои и прецизна локација, контакти и историја на пребарување, што според експертите отвора прашања за приватноста.

„Чат ГПТ“ бележи значително зголемување на обемот на собирање информации – до 17 категории, што е раст од околу 70% во однос на претходната година. Дел од податоците се користат за функционалност, но и за аналитика, персонализација и маркетинг.
Кај кинескиот „Дипсик“, покрај стандардното собирање на разговори и кориснички податоци, дополнителна загриженост предизвикува фактот што информациите се складираат на сервери во Кина, што отвора безбедносни и регулаторни дилеми.
Истражувањето покажува и дека дури 70% од апликациите собираат податоци за локацијата, а значителен дел од информациите се користат и за маркетинг или споделување со трети страни.
Експертите предупредуваат дека корисниците често несвесно споделуваат чувствителни информации во разговорите со вештачка интелигенција, кои потоа можат да бидат зачувани, анализирани или искористени за подобрување на алгоритмите.
Заклучокот на „Сурфшарк“ е дека иако чет-ботовите нудат корисни услуги, нивната употреба носи и сериозни ризици за приватноста, поради што се препорачува внимателност при споделување лични податоци.
OhridNews












