Експедицијата во која беа Мишко Танески, Филип Василески и канаѓанецот Алекс Таталовиќ најпрвин се соочила со губење на багажот во кој била потребната опрема за искачување, поради што освојувањето на врвот било пролонгирано за четири дена. Потоа уследиле проблеми со изнајмување на мазгите за пренос на опремата до базниот камп, кон кој експедицијата тргнала на 3-ти февруари.
– Времето не служеше до искачувањето до базниот камп и првиот ден на аклиматизација. Тоа што потоа се случуваше беше вистински кошмар. Екстремно лошите временски услови кои уследија не заробија три дена на надморска височина од 6000 метри, што резултираше со неуспех на експедицијата, изјави за OhridNews, планинарот Мишко Танески. Тој поради влошено здравје и висока телесна температура останал во шатор во вториот висински камп на 5600 метри надморска височина, каде надворешната температурата ноќе се спуштала и до -30 степени.
Уште подраматично било спуштањето кон подножјето, при што експедицијата била сведок на немил настан во кој животот го загубил планинар.
– За период од 8 дена тоа беше петта жртва која ја зеде планината, вели Танески, кој посочува дека доколку експедицијата немала проблем со опремата и тргнела навреме, ќе се искачела на Аконкагва. Највисокиот врв на Андите сепак успеа да го освои македонката Илина Арсова, која била дел од друга експедиција.
Неуспехот не го урнал моралот на малата охридска експедиција, а особено во обидите да се совлада „разлутената“ планина се истакнал Филип Василески кој бил одлично физички и психички подготвен за големиот предизвик.
-Ова е уште едно големо искуство за нас. На планина се оди за да се достигне врвот и да се вратиме како подобри луѓе. Ние мислам дека се враќаме како подобри луѓе, додава Танески, кој втор пат неуспешно се обидува да се искачи на Аконкагва.
Охридската планинарска експедиција во четврток ја напушта Аргентина и се враќа во Македонија.