Според Миладиноски зад одлуката за негова суспензија стојат личните амбиции на ректорот на битолскиот универзитет.

Тој смета дека записникот на просветниот инспектор во кој се наведени забелешки за ангажирање на соработници/наставници, за акредитација на студиски програми и по однос работата на Студентски прашања е изготвен тенденциозно и дека од истиот не може одговорноста да се сведе само на деканот на факултетот.
-Кај првиот дел одговорноста може да се бара кај деканот кој ангажирал наставници, додека за акредитациите надлежноста е на Универзитетот, а за студентски досиеја надлежен е раководителот на Студентските прашања, рече Миладиноски.
Тој смета дека ФТУ-Охрид поради својата успешност некому му смета, почочувајќи дека овој факултет е најголем финансиер на универзитетот и има најголем број странски студенти. „Очигледно е дека ФТУ – Охрид почнува да му пречи на ректорот бидејќи целокупните активности како од финансиски така и од едукативен аспект го надминува интелектуалниот капацитет на ректорот“, додаде Миладиноски.

Во соопштението на Ректоратот на битолскиот универзитет се наведува дека по извршениот инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат (на 23.12.2009, 15,18 и 26.01. 2010 година), а во согласност со неговите надлежности, утврдени се одредени незаконитости во работата на деканот од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
– Врз основа на Решението од просветниот инспекторат, Универзитетот е задолжен да преземе мерки за отстранување на неправилностите. Ректорот проф. д-р Златко Жоглев кој според Законот и Статутот е одговорен за спроведување на законитоста, постапи според решението на инспекторот при Министерството за образование и наука по што на 04.02.2010 година проф. д-р Софронија Миладиноски е суспендиран од вршењето на функцијата декан на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. За В.Д. Декан е назначен проф. д-р Јованка Биљаноска, стои во соопштението на ректоратот.
По одлуката на ректорот најдоцна еден месец по нејзиното донесување треба да расправа универзитетскиот сенат. Доколку тој ја потврди одлуката суспендираниот декан и управата на ФТУ Охрид ќе бидат разрешени. Во меѓувреме Факултетот за туризам и угостителство – Охрид треба да постапи по решението за отстранување на недостатоците наведени во записникот на просветниот инспекторат.












