Tренерот на Ал Ахли, Мануел Жозе денеска побара раскинување на договорот за да се врати во Португалија, додека тројца фудбалери на египетскиот клуб изјавија дека се повлекуваат од фудбалот по вчерашната трагедија. Во тепачка меѓу навивачите на два клуба синоќа во Порт Саид загинаа над 70 лица.
По трагедијата во Порт Саид египетското фудбалско првенство е прекинато, а премиерот Камал Ел Ганзури ги суспендирал раководителите во Фудбалскиот сојуз.
Египетскиот премиер Кемал ал Ганзури, соопшти дека, поради насилствата кои се случија во Порт Саид, по натпреварот помеѓу Ал Масри и Ал Ахли, а во кои загинаа 74 лица, е суспендирано фудбалското раководството во земјата.
Ганзури истакна дека поради трагедијата оставка, која е прифатена од парламентот, поднел гувернерот на Порт Саид, генерал-мајор Мохамед Абдулах, и дека веднаш се суспендирани првиот човек на безбедносната служба и на полицијата во овој град.
Поради трагедијата, Европската унија, преку претставникот за надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон, побара „итна и непристрасна истрага“.
Врховниот совет на Египет, поради трагичниот настан, во земјата прогласи тридневна жалост.
Африканската фудбалска федерација, реши сите четвртфинални натпревари на Африканскиот куп, кој се одржува во Екваторијална Гвинеја и Габон, да започнат со минута молчење.
“Макфакс“
Ohridnews