– Бараме да се откријат причините за оваа појава која за прв пат се случува во каналот и веднаш да се реагира, затоа што оваа не е природна појава и е како рак на езерото. Исто како и кај човечкиот организам , ако ракот на време не се открие и веднаш не се отстрани односно навремено не се интервенира , потоа сите интервенции се задоцнети и непотребни, нагласуваат од „Свети Апостол Петар“.
Од здружението додаваат дека не се согласуваат со изјавите на Директорот на Хидробиолошки институт , дека како причина за појава на цветање на алги на крајот од октомври е нискиот водостој и високите температури за овој временски период.
– Дали на Охридското Езеро само на едно место од езерото и тоа на овој предел од 50 метри се високи температурите и е низок водостојот или овие високи температури се на целата површина од езеро каде нема цветање на алги. Јавно прашуваме зошто неприродните појави се случуваат само на овие педесетина метри од каналот кои се наоѓаат до самите Билјанини извори и до самиот Хидробиолошки институт каде водата треба да е со ист или подобар квалитет од изворските води на Црн Дрим кај Свети Наум, а не да се можна причина за помори на риби и цветање на алги. Ако е причина глобалното затоплување како што кажуваат експертите тогаш ова појава ќе е распростанета низ целото езеро, потенцираат од здружението.
Како што велат од „Свети Апостол Петар“, една деценија упатуваат предупредувања до надлежните институции за овој проблем, а тие останале глуви на сите нивни барања и укажувања за навреме да се преземат мерки и да се спречат негативни последици врз целокупната флора и фауна во каналот Студенчишта.
Меѓу основните причини поради кои дошло до овој проблем од здружението ги наведуваат преголемата урбанизација на овој потег, како и големиот број на укотвени пловни објекти во каналот .
– Ние сме единствени во светот кои во заштитено подрачје од Унеско уништивме еден зимовник за повеќе видови риби кој опстојувал со години . За жал нашите укажувања беа точни, а надлежните беа глуви , иако институциите не навредуваа и не прогласувааа како прости рибари кои не сме биле едуцирани и компетентни да зборуваме и предупредуваме за еколошки проблеми и неприродни појави. Почитувани експерти вие сте единствени во светот кои не презодовте ништо и дозволивте за да не се уништи зимовникот кој е на само педесетина метри од институтот и веќе рибата не влегува или влегува само еден процент за разлика од пред неколку години на зимување, а тврдите дека има огромна количина на плашица која смета на пастрмката и од која треба 1500 тони да се изловат. Бараме од надлежните одговорност за секоја постапка, со која се нанесува штета на природните ресурси, велат од здружението „ Свети Апостол Петар“.