Централната и локалната власт не го подржаа проектот изработен од страна на спортско риболовниот клуб „Св. Апостол Петар“ за организирање на Меѓународен натпревар за рибарски вештини.

Како што објаснуваат од клубот, идејата е учесници од голем број земји во светот да се натпреваруваат во пет дисциплини- брзо поставување и вадење мрежа  на 100 метри, прецизно фрлање на сачма , плетење рибарска мрежа од едно метро, трка со кајчиња со весла и претставување на секоја од земјите учесници со свој рибен специјалитет.


–    За оваа идеја беше изготвен проект кој беше испратен до министерството за култура и до локалната самоуправа, со цел да се доделат средства потребни за покривање на основните трошоци околу престојот на учесниците. Имаше интерес да учествуваат екипи од Шведска, Финска, Србија, Хрватска, Бугарија, Полска, Чешка кои беа воодушевени од доаѓањето. Тие би биле придружени и од медиуми кои би известувале за настанот што е добра реклама за Охрид, затоа што станува збор натпревар единствен во светот. Но, за жал не добивме подршка за реализација на идејата ниту од централната, ниту од локалната власт, вели Радован Димитриески од СРК „Св. Апостол Петар“ .


Меѓународниот натпревар би се одржал во рамки на Денот на рибарите, на кој СРК „Св. Апостол Петар“ годинава, трет пат по ред, учествува со изложбената поставка „Денес за вчера“ на која се презентира риболовен алат со кој се ловело од праисторија до денес, стари фотографии од рибари и рибарски фамилии, макети од стариот охридски чун, фрлање и влечење влак, плетење рибарска мрежа, а се организира и натпреварувачки дел во подготвување на рибина чорба.

Т. К.