Вистински кошмар преживеале младите скопјани, кои синоќа околу 20 часот тргнале на прошетка со гумен чамец по разбрануваното Охридското Езеро. Тие запловиле кај авто кампот Елешец, по што се одалечиле на околу 150 метри од брегот. Но, набрзо носени од силните езерски струи и брановите се нашле на 500 метри од копното, а потоа нивниот чамец исчезнал во ноќта во правец на Св. Наум. Нивниот другар ја алармирал охридската полиција која во координација со Капетанијата на пристаништата, веднаш започнале потрага по исчезнатите.

-Езерската полиција излезе со 2 патролни чамци, исто и Капетанија која го ангажираше бродот „Галеб“ во кој имаше уште една полициска екипа, а информирана беше и албанската страна која изврши  термо снимање на езерото. Двете момчиња немале мобилен телефон ниту некаков друг уред за сигланизација.-изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Драмата завршила околу 4.10 часот утрото кога момчињата по 8-часовна борба со разбеснетото езеро успеале да го насочат чамецот кон копно кај црквата Св. Бородица Заумска. Набрзо потоа биле згрижени од спасувачките екипи.

За кус период ова е втор пат да биде организирана голема спасувачка акција на Охридското Езеро. Во мај спасувачите трагаа по четворица унгарски авантуристи кои со чамец непријавени го крстареа Охридското Езеро. За среќа и тој случај имаше добар крај.

Г.М.