Јован Владимир, зетот на Цар Самоил за неговата ќерка Косара, кој подоцна е прогласен за светец, најверојатно бил убиен во Охрид, а не во Преспа како што досега се веруваше. Ова научна теза е изнесена во книгата „Св.Јован Владимир“ од д-р Миле Миќуновиќ, која по повод 20-годишнината од осамостојувањето на Македонија, денеска беше промовирана во Охрид.

-Според новите научни сознанија на д-р Миќуновиќ, трагичниот настан кој се случил на 22 мај 1015 година, се одвивал во црквата Челница во Охрид, од каде телото на Јован Владимир подоцна било однесено во Дебарца, од каде пак било прнесено во Албанија.-истакна д-р Стојан Ристески, промотор на книгата.


Според него оваа книга е реткост што се појавува во македонската научна мисла, во која се обработува светецот Јован Владимир, чие делување е значајно и за Македонија. Во оваа книга д-р Миќуновиќ внесува новини кои до сега не беа познати, а се резлутат на теренски испитувања во Македонија, Албанија и Црна Гора, додаде Ристески.

Историчарот на уметност Гоце Ангеличин Жура, истакна дека вавква уникатна книга досега не е напишана на балканските простори.

-Во книгата е поместено и најновото откритие до кое се дојде пред само десетина дена. А тоа е иконата посветена на Воскресението Христово во црквата Св. Богородица Перивлепта, на која помеѓу неколкуте помали ликови се наоѓа и Св. Јован Владимир, сигниран како Охридски, што е доказ дека нешто го поврзува со Охрид, појасни Жура.


Авторот на книгата работел 4 месеци, а се започнало со неговиот службен престој во Албанија каде требало да прегледа десет пациенти.

-Но ниту еден од нив не дојде, затоа што веројатно Св. Јован Владимир ги спречи, а тоа ми овозможи да ја посетам црквата во Тирана каде се наоѓаат моштите на светителот, кои со дозвола на тамошниот Владика ми беа изложени. Кога ги допрев доживеав неописливо чувство, како да се споија два духа и тогаш започна се, рече д-р Миќуновиќ.


Најновото научно дело на еминентниот истражувач и хирург, д-р Миле Миќуновиќ е отпечатено на македонски и англиски јазик. Според стручната јавност тоа ја пополнува празнината што во науката постоеше во врска со животот и делото на Св. Јован Владимир, кон кого особен култ постои во Македониаја, Албанија, Црна Гора, Србија и во Грција.

OhridNews