Централната власт и охридската локална самоуправа конечно за нешто се согласија. И едните и другите ја подржуваат идејата во Охрид да се изгради споменик на Св. Наум Охридски – Чудотворец, со што ќе се заокружи духовниот триаголник во центарот на градот.
Градоначалникот на Охрид ја поздрави иницијативата на пратениците Александар Николоски и Цветко Грозданов, кои вчера упатија барање до Министерството за култура за изградба на споменик на Св. Наум во Охрид.
– Оваа замисла датира од пред три години и им благодарам на пратениците што ја подржуваат мојата и идеја на академикот Томе Серафимоски во центарот на Охрид да се направи духовен триаголник и покрај спомениците на Светите Кирил и Методиј да се постави споменик на Св. Наум на просторот пред рибниот ресторан, изјави Петрески.

Петрески кажа дека општината ќе ја поддржи иницијативата на пратениците Николоски и Грозданов, но само доколку се реализира оригиналната идеја, односно споменикот се постави во паркот пред рибниот ресторан.
-Доколку се следи таа идеја и се работи за таа локација, односно се реализира духовниот триаголник во центарот на Охрид, секако ќе издадеме локација, но доколку бидеме условени споменикот да се постави на друго место сигурно нема да ја поддржиме таа идеја, рече Петрески.












