Меган и Исак од Сиднеј, Австралија својата љубов,минатиот викенд, решија да ја овековечат во Охрид со спектакуларна свадба на локацијата која според нив е рајот на земјата. За венчавката која се одржа во црквата Св. Јован Канео од Сиднеј допатуваа стотина гости. На црковната венчавка, невестата пристигна со луксузен катамаран.

Прекрасниот амбиент на црквата и спектакуларниот погледот кон езерото, ги надополнуваа прекрасните звуци  на оркестар од виолини, кои изведуваа препознатливи мелодии. По свечениот чин младоженците заминаа  на крстарење по охридското крајбрежје и пристигнаа директно на местото на веселбата- плажата Потпеш, каде беа пречекани од гостите со громогласен аплауз. Ресторанот и плажата беа декорирани со аранжмани од свежо цвеќе и свеќи.

Веселбата започна со традиционалните македонски ора, потоа гостите танцуваа на актуелна диско музика. Забавата кулминираше со спектакуларен огномет на езерото, кој беше изненадување од Меган и Исак за нивните гости, во знак на благодарност што допатуваа од далечната Австралија, за да бидат дел од овој посебен ден. Веднаш после огнометот, следуваше настап на трубачи, кои ја надополнија веќе прекрасната атмосфера.

Исак е роден во Австралија и неговите родители се Македонци, додека Меган има хрватско-германско-литванско потекло. Тие случајно се запознале во ресторан во Сиднеј. Заради своето потекло Исак уште од мал често доаѓал во Македонија и е воодушевен од природната убавина, а таа негова пасионираност и страст  ја пренесе и на неговата избраничка.  Велат дека одлуката да се венчаат во Македонија била заедничка, но сепак по првична иницијатива на  Меган.

За нив Охрид е егзотична дестинација со преубава природа, љубезни домаќини со големо  срце, одлична кујна и дефинитивно најубавите вина.

– Незаборавно за најубавиот чин во животот на еден човек, потенцираат младите австралијанци и препорачуваат во иднина уште многу други парови од светот да го изберат Охрид како дестинација на која ќе ги остварат своите соништа за еден од најубавите настани во животот- свадбената церемонија.

OhridNews