Во петок, на сцената на Долни Сарај со почеток во 21 часот, премиерно ќе биде изведена претставата на Македонскиот народен театар, “Свадбата на Фигаро”, според текст на Пјер Огистен- Карон де Бомарше.

Станува збор за класика- комедија во режија на еден од најголемите грузијски театарски режисери, Леван Цуладзе. Нашата замисла веќе подолго време е во театарот  да се врати класиката, убавиот пишан збор, вистинските вредности, вистинските театарски дела и со тоа да крене нивото на театарот. Во претставата ќе имате можност да видите прекрасни костими, одлична сценографија и актерски остварувања. Актерите со цело срце влегоја во проектот и затоа направивме одлична комедија, истакна на денешната прес конференција директорот на МНТ, Дејан Лилиќ.


Режисерот, Цуладзе, искажа задоволство од соработката со Македонскиот народен театар, што за него претставувало можност да запознае голем број, не само талентирани професионалци, туку и вистински пријатели.

–  Охрид како локација на која се игра претставата имаше влијание уште при изборот на текстот врз кој ќе се подготвува претставата. Уште кога се договаравме и кога слушнав дека премиерата ќе биде во Охрид, се воодушевив затоа што самиот град многу допринесе при создавањето на амбиентот во кој се случува дејствието во претставата, вели режисерот Цуладзе.

Главните улоги во претставата ги играат: Нино Леви, Николина Кујача, Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Славиша кајевски, Драгана Костадиновска, Томе Виитанов, Марија Новак и Кирил Поп Христов.

Предвидено е претставата да се игра и во Грузија, но и да учествува на неколку фестивали низ Европа.

OhridNews