Како што беше најавено на денешната прес конференција, станува збор за интересна претстава, работена според текст на македонски автор, во која е испреплетен народниот фолклор, народната уметност и актерското мајсторство.
– Итар Пејо е премногу познат лик кој може да е наблудубаван од национална перспектива, но и како глобален феномен кој постои во различните култури. Со помош на придружни елементи- танц и музика успеавме да го издигниме на своевиден театарски или културен знак. Не случајно претставата се нарекува театарски сплет- затоа што е преплетување на неколку различни медиуми драма, фолклорните танци од кои дел се преработени и музиката која е неопходен и важен елемент. Миксот на различни медиуми создава 50 минутна претстава која што успева да привлече со својата енергија и постојано прелевање од еден во друг медиум. Се надевам дека претставата ќе биде интересна за публика од 7 до 77 години, вели режисерот на претставата Дејан Дамјаноски.
Претставата „Свадбата на Итар Пејо“ е втората премиера на охридскиот Народен театар од почетокот на годината. Како што истакна раководителот на Народниот театар, Горан Стојаноски, претставата е исклучителна театарска изведба, нешто досега не било изведено на македонската сцена.
Стојаноски информира дека по премиерната изведба на „Свадбата на Итар Пејо“ ќе следува пауза, а драмскиот репертоар продолжува повторно од септември.Во меѓувреме ќе се подготвува следната театарска премиера, а дел од актерите на театарот ќе земат учество во најавениот спектакл за отворањето на овогодинешното издание на фестивалот„ Охридско лето“, „Ромео и Јулија“.
Улогите во претставата ги толкуваат: Итар Пејо-Горан Стојаноски, берберот-Стрезо Стаматовски, Кумот-Никола Тодороски, Менка-Јасмина Билаловиќ, Дренка-Адријана Билаловиќ, Ценка-Билјана Билаловиќ .
За сценскиот дизајн е задолжен Кирил Василев, кореограф е Костадин Бетоски, а за музиката во претставата ќе се погрижи Златко Митрески. Светло Зоран Левески, тон Филип Ангеличин Жура, реквизитер Борче Вељаноски.
Почеток на претставата е во 20 часот, цена на билетот е 100 денари.