Здружението на рекреативни риболовци „Свети Апостол Петар“ од Охрид е против проектот на Локалната самоуправа на Охрид  за изградба на инфрастуктура за прифаќање на пловни објекти во каналот Студенчишта.

– Со овој проект на мала врата се турка идеата од каналот Студенчишта да се направи марина. Секаква изградбата на инфрастуктура за прифаќање на пловни објекти само ќе допринесе да се доуништи флората и фауната во едно природно зимовалиште и мрестилиште, кое опстојувало со милиони години. Зголемениот број на пловни објекти е една од причините што веќе неколку години во каналот влегува само 5 % риба на зимување во однос на предходните години, сметаат од „Св. Апостол Петар“.

Од здружението со апел до локалната и централната власт да го реализираат проектот за изградба на Марина, што се најавува подолг период, но за негова реализација да биде избрана друга локација.

– За изградба на Марина има многу локации како: речните корита на Сатеска и Коселска , потегот кај Грашница и Подмоље каде веќе има  бензински пумпи а и е во близина на аеродромот . Локацијата кај Подмоље е на средина помеѓу Охрид и Струга, и може да се изгради марина за пловните објекти и од Охрид и од Струга. Така ќе имаме само една потенцијална еколошка опасност од загадување на Охридско Езеро. Како здружение ја подржуваме секоја идеја со која ќе се овозможи: продлабочување на  каналот Студенчишта, негово осветлување, отсранување на сите пловни објекти, уредување на  крајбрежниот дел на каналот, реанимирање на флората и фауната,  забрана за  секакво влегување на пловни објекти на моторен погон, а каналот Студенчишта да добие ист третман како изворите во Свети Наум, велат рекреативните риболовци.

Тие додаваат дека каналот треба да прерасне во туристичка атракција,каде ќе пловат копии од охридски чунови, кои ќе превезуваат туристи до Билјани Извори, пропратени со охридски  стари изворни песни.

OhridNews