По повод 150- годишнината од објавувањето на Зборникот на браќа Миладиновци,  во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, се одржа свечена академија на која присуствуваа претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, заменик-министерот за култура Драган Неделковиќ, академици и пратеници.

Како што истакна во своето обраќање претседателот Иванов, делото на Миладиновци живее и денес, бидејќи тие со семето кое го посеаја ги оцртаа  границите на нашата духовна и културна татковина.

–  Отпечатениот Зборник ја запечати нивната судбина. Во таа нивна борба тие си создадоа моќен непријател. Наклеветени од грчкото свештенство кај турските власти, дека биле руски и српски шпиони, тие беа затворени. Миладиновци собирајќи ги народните песни и објавувајќи ги во Зборникот, го зачуваа и засекогаш го промовираа своето, и го споделија со другите, рече Иванов.

Според заменик-министерот за култура, Драган  Неделковиќ, Зборникот на Миладиновци е капитален придонес и камен-темелник на македонската национална преродба, историска книга која на светот му го докажа постоењето на македонскиот народ. 

Беседа за Зборникот читаше академик Георги Старделов. , кој истакна дека зборникот го одбележува времето на Миладиновци како пресвртничка епоха кое го запре одродувањето на македонскиот народ.

– Во него се втемелени душата на македонскиот народ, како и душата на нашето постоење, истакна академик Старделов.

OhridNews