Информативните центри на Нациналниот парк Галичица од денес ќе бидат официјално ставени во употреба. Објектите, кои се лоцирани во Преспа и во Охрид се први од ваков вид во нашата држава и се опремени со најсовремена опрема за презентација и промоција на природното и културното наследство.
Надлежните од НП Галичица велат дека инфо-центрите, кои ќе работат секој ден од 10 до 15 часот ќе бидат во функција на сите посетители кои ќе сакаат да посетат паркот, но ќе служат и за еколошка едукација на ученици.
– Овие содржини и работата со посетителите, особено помладите ќе имаат директен придонес во подигнувањето на јавната свест за потребата од заштита на природата на паркот и животната средина воопшто. Имајќи ја предвид актуелната туристичка понуда во Охрид и Преспа, центрите за посетители несомнено ќе дадат придонес во нејзино збогатување и промовирање на еколошки оддржлив и одговорен туризам, велат вработените во националниот парк.












