Девет филмски остварувања од најразлични жанрови и 12 кратки филмови од најновата француска кинематографија ќе имаат можност да проследат љубителите на седмата уметност, во рамки на петтиот Фестивал на француски филм, што вчера беше свечено отворен во Охрид. И оваа година публиката ќе ги следи кино прокциите заедно со дел од актерите , сценаристите, режисерите и продуцентите на филмовите.

Честа да го отвори филмскиот фестивал, оваа година му припадна на историскиот филм „Збогување со кралицата“ на режисерот Беноа Жако. Покрај гостите кои беа дел од свеченото отварање, на прикажувањето на филмот присуствуваше и сценаристот Жан Туран.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамки на свеченото отворање на фимската манифестација истакна дека одржувањето на овој фестивал е од големо значење за македонската кинематографија и за зајакнување на културните врски меѓу Македонија и Франција.


– Ми причинува големо задоволство што една првична идеја доби толку широк и позитивен развој, проект што отвори можност за плодотворна соработка на македонската и француската кинематографија, даде простор за презентација и на македонскиот филм во Франција, рече Канческа-Милевска, додавајќи дека Францускиот филмски фестивал е од големо значење и за Охрид и неговата промоција надвор од границите.

Присутните беа поздравени и од страна на градоначалникот Александар Петрески кој истакна дека фестивалот е од големо значење за Охрид и дека фестивалот и понатаму ќе ја добива поддршката од локалната самоуправа , како и од самите почетоци и основањето на фестивалот.

Францускиот амбасадор во Македонија, Жан Клод Шлумберже, рече дека овој фестивал од година во година добива на значење и веќе има своја верна публика.


– Петгодишниот јубилеј на фестивалот е потврда дека манифестацијата прерасна во француско-македонски културен настан од особена важност за филмот и кинематографијата. Она што можам да го забележам е дека според примерот на фестивалот во Охрид, интересот, апетитот на граѓаните за францускиот филм се шири и во останатите градови во Македонија, рече амбасадорот Шлумберже.

Тој истакна дека значењето на фестивалот е уште поголемо затоа што истиот е голема можност за професионални средби на филмските работници, размена на искуства, но и за заеднички проекти.

Публиката вечерва ќе има можност одблиску да ги види Артур Шелтон, режисер на краткометражнито филм ,,Време за чај’’ и Филип Легоржи, лик по кој е инспириран филмот ,,Ред и морал’’. Утре  гледачите ќе имаат можност да се запознаат со актерката Елоди Навара, која игра во филмот ,,Вештини на љубовта’’. Во вторник, почитувачите на француската кинематографија  ќе можат да ги видат во живо Батист Данги, продуцент на филмот ,,Заплиснувачи бран’’, Лејла Фреже, режисер на филмот ,,Вкусот на шеќерот’’ и Маријон Казабланка режисер на краткометражниотфилм ,,Доаѓам оддалеку’’.


На 4.јули, среда гости на проекциите ќе бидат Пјер Клуе режисер на филмот ,,За предностите да се оди на одмор во август’’, Абрахам Белага, актер во филмот ,,Подобар живот’’ и Ева Јанеско, режисер на филмот ,,Мојата малечка принцеза’’.

Во рамки на свеченото затворање на фестивалот на 5. јули, почесен гостин ќе биде  Жак Дојон режисер на филмот  „Никаквица“, кој ќе ја добие годинешната Награда за животно дело. Дојон  е автор на над 30 филмови и добитник на голем број фестивалски награди.

Наградите за најдобрите учесници на фестивалот ќе ги доделува тричлено стручно жири предводено од македонскиот режисер, Антонио Митриќески.

OhridNews