Во рамки на проектот WaterNet, денес, во Факултетот за туризам и угостителство свечено беше пуштена во употреба Ботаничката градина, во која ќе се одгледуваат бројни зачини и зеленчук за потребите на факултетот. Ботаничката градина  е дел од заедничкиот проект на општина Охрид, општина Едеса, Универзитетот „Св.Климент Охридски“- ФТУ и Институтот за технолошки науки „Александар“ од Солун, чија реализација започна во јуни минатата година.

– Ова е еден од подобрите моменти на нашата соработка, меѓу Република Македонија и Грција. Покажавме дека Охрид и Едеса, градовите преку границата можат многу да соработуваат и остваруваат корисни проекти за двете заедници. Се надевам дека ова ќе биде само еден почеток кој ќе биде мотивирачки и инспирирачки за сите нас кои како субјекти сме инволвирани во реализација на оваа прекугранична соработка и во иднина да остваруваме и поголеми проекти, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Проф. Д-р Сашо Коруновски, ректор на универзитетот „Св.Климент Охридски“, истакна дека новоотворената Ботаничка градина е направена по теркот на градините кои ги користат најпознатите институти по гастрономија.

– Ова е една мала ботаничка градина, но можам да кажам дека често пати иновативните идеи во многу сфери, не се поврзани со големи дела, туку со мали работи кои наеднаш ќе ги отворат вратите кон одредени понатамошни успеси што треба да ги направиме. Кога ја разработувавме ваквата идеја со некои од најпознатите институти за гастрономија, видовме дека токму тие го користат овој концепт. Студентите можат да се запознаат со зачините и билките на самото место,  да ги одгледуваат, а потоа да ги користат. Она што ја дефинира и нашата кујна се зачините кои ги дефинираат вкусовите и затоа особено внимание се посветува на овој дел, рече Коруновски.

Задоволство од соработката искажа и директорот за туризам на Едеса, Евангелос Киријаку, кој потенцира дека најважно е да се соработува и искористат расположивите ресурси на двете општини, што ќе биде од взаемна корист.

Во рамки на проектот WaterNet, што се реализира со средства од програмата за трансгранична соработка на ИПА фондовите, се гради и дел од пешачката патека кон Горица, поставен е туристичкиот Инфо центар, а беше набавена и опрема за кујната во Факултетот за туризам и угостителство.

OhridNews