Во Сочи, вечерва, официјално беа отворени 22-те Зимски олимписки игри (ЗОИ). На Игрите ќе се натпреваруваат повеќе од 3.000 спортисти од 88 земји. Македонија во Сочи ќе ја претставуваат Марија Колароска, Дарко Дамјановски и Антонио Ристевски.

Македонската делегација на дефилето, за разлика од претходните игри, се појави на самиот почеток, веднаш по Босна и Херцеговина и Бразил. Знаменосец беше нордиецот Дамјановски, кој во Сочи по трет пат учествува на ЗОИ. Најмладата, Колароска, прва од македонската експедиција ќе се појави патеките во Сочи, таа на 13.февруари ќе настапи на трката на 10 километри со класичен стил.

Церемонијата на свеченото отворање започна, симболично во 20:14 часот по локално време, а започна со видео чии актер е девојчето Љубов, која по азбучен ред претстави се што ќе биде видено за време на церемонијата.

Церемонијата започна со претставата во која беше претставена земјата домаќин Русија, а потоа следуваа поздравните говори на рускиот претседател Владимир Путин и првиот човек на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах. Веднаш по нивните говори беше интонирана химната на Русија.

По 15 минути започна и свеченото дефиле на земјите учеснички, први продефилираа преставниците на Грција, а потоа и преставниците на останатите држави. Интересно, преставниците на Бермудските острови на дефилето излегоа по кратки пантолани иако гледачите на стадионот добија покривки за да се затоплат.

На крајот од дефилето на спортистите излегоа домашните спортисти, чија облека неодоливо потсетуваше на облеката која ја носи Дедо Мраз.

На отворањето на ЗОИ во Сочи, во која Русија вложи 50 милијарди долари, присуствуваа 65 претседатели на држави и влади. Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, поради дефект на авионот, не успеа да присуствува на свечената церемонија.

По дефилето на спортистите, во центарот на вниманието се најдоа маскотите – поларната мечка, зајакот и леопардот, кои беа на скии, сноуборд и лизгалки.

Следуваше претставувањето на руската историја, каде настапија речиси илјада танчери.

По завршувањето на овој дел, прв на присутните им се обрати претседателот на Организациониот одбор, Дмитриј Чернишенко.

„Добредојдовте на Зимските олимписки игри во Сочи. Нашиот град е единствен, единствена е и целата Русија. Горди сме што сме привилегирани да му бидеме домаќини на целиот свет“, рече тој.

По него на присутните им се обрати првиот човек на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах.

„Вечерва испишуваме нова страница од олимписката историја. Во останатите делови од светот се потребни децении за да се изгради она што овде е изградено за седум години. Ова е неверојатно достигнување“, рече Бах.

Бах потоа зборот му го предаде на рускиот претседател Владимир Путин, кој беше многу краток.

„Ги прогласувам Зимските олимписки игри во Сочи за отворени“.

Следуваше балетот „Лебедово езеро“, во интересен модерен стил, а потоа на стадионот беше внесено олимпиското знаме.

По изведувањето на олимписката химна Руслан Захаров ја положи заклетвата во име на спортистите.

По речиси три часа од почетокот на свечената церемонија, олимпискиот факел на стадионот го внесе Марија Шарапова, потоа и ја предаде на Елена Исинбаева, потоа факелот мина во рацете на Александар Карељин и Алина Кабаева.

Последните кои го носеа факелот и кои го запалија олимпискиот пламен беа Ирина Родинина и Владислав Третјак.

OhridNews
извор:„Макфакс“