Со палење на фестивалскиот оган и изведба на песната „Т’га за југ“ , која ја отпеа  тенорот со светски глас, Благој Нацоски, синоќа беше отворено јубилејното, 50- то по ред издание на Струшките вечери на поезијата.


Денес, по 50 години, од одржувањето гордо се прашуваме која беше таа магија и визија да се подигне еден таков величествен споменик на поезијата, културата и духовноста воопшто. Од денешен аспект станува јасно, дека тој подвиг го изведоја авторите со силна творечка индивидуалност на кои денес им ја должиме благодарноста, се обрати пред присутните директорот на СВП, Данило Коцевски, кој при тоа направи краток историски осврт на досегашниот развој на манифестацијата.


 
Министерката за култура, Елизабета Канческа- Милеска,  истакна дека со Струшките вечери на поезијата Струга стана интерконтинентална поетска велесила. 

Струга е еден од највоспеаните градови во светската литература.Нема поет што дошол, а што не напишал песна за Струга. Илјадници антологии на илјадници јазици го преведувале зборот „Струга“, што етимолошки во индоевропските јазици значи – праг. Кога ќе се помине Струга се поминува низ Прагот на вечноста, со сите безбројни песни испеани во минатото и читани на Мостовите на Струга, како обраќање кон иднината.“, рече Милеска.


Свеченото отворање на манифестацијата се изведе на Мостот на поезијата, каде беа прочитани и стихови од досегашни добитници на Златниот венец на поезијата и како и од годинешниот добитник,  Матеја Матевски.

На отворањето на Струшките вечери на поезијата присуствуваа Претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов, градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, пратеници и министри, голем број поети и граѓани на Струга.

OhridNews