Со свеченост што се одржа во близина на с. Враништа, во присуство на премиерот Никола Груевски, замениците министри Џељаљ Бајрами и Соња Лепиткова, директорот на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски, пратениците Лилјана Затуроска и Александар Николоски, други јавни функционери и граѓани, денеска и формално во употреба беше пуштен реконструираниот патниот правец Струга – Дебар.

Трасата е во должина од 50,9 километри, а реконструкцијата чинеше 580 милиони денари, или околу 9 милиони евра. Средствата ги обезбеди Владата на Македонија.

-Патот Струга – Дебар е најзначајниот патен правец на кој се работеше изминатата година во овој дел од Македонија. Беше во многу лоша состојба, со намалена безбедност и отежнато движење на возилата. Денес со задоволство можеме да констатираме дека овој патен правец е целосно реконструиран со што се подобрија условите за патување и комуникација и севкупно се подобри животот на голем број граѓани кои секојдневно го користат овој пат.-истакна на свеченоста премиерот Никола Груевски.

Тој рече дека ревитализираниот пат ќе придонесе за развој на локалната економија, туризмот, како и за подобрување на соработката со Албанија.

Премиерот Груевски попладнево во употреба ја пушти и реконструираната канализација во струшкото село Мороишта.

OhridNews