Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Грувски, денеска свечено во употреба го стави обновениот пат во селото Лакочереј.

Инвестицијата вредна околу 18 милиони денари, а во должина од 3,56 километри, треба да овозможи побезбеден сообраќај на сите оние кои го користат патот од населбата „Радојца Новичиќ“ до селото Долно Лакочереј.

Патот во минатото беше доста уништен и тоа беше причина за отежнато движење, за оштетување на возилата и потешко движење на луѓето. Денеска патот е во очигледно подобра состојба од порано и ќе овозможи полесна комуникација, многу побезебеден сообраќај и поудобно возење.“ – изјави претседателот на Владата на РМ, Никола Груевски, при денешната посета во селото Лакочереј.

Говорејќи за проектите од суштинско значење за Охрид, Груевски најави дека во текот на оваа година ќе се изработи проектната документација за новиот експресен пат Охрид-Пештани.

Оваа делница ќе биде од огромно значење за Охрид. Со процената вредност од околу 60 милиони евра, тоа ќе биде една од најголемите инвестиции во овој регион. Исто така, се планира и реконструкција на локалниот пат до Велестово. Веќе течат активностите за изградба на автопатот Охрид-Кичево, кој е од исклучително значење за туризмот, за нови вработувања, за градежните компании.“ – рече Груевски, најавувајќи дека изградбата и обновата на патиштата ширум земјава ќе продолжи со несмален интензитет.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, рече на овој потег поставени се банкини и нова канализациона мрежа во должина од 1300 метри, која за прв пат овозможила дел од селото Лакочереј да се приклучи на основниот канализационен систем во градот.

Поставени се дополнително банкини со површина од 3000 метри квадратни, а претходно беше асфалтиран главниот пат во „Радојца Новичиќ“ и осум краци. Тука би напоменал дека на ова улица се поставени 11 премини, за прв пат во приградските населби во Охрид, кои што претставуваат подземна инсталација. Составена е од двоканален цевковен систем и тоа еден за одвод на отпадни води, а други за електрични кабли и телекомуникациски инсталации. Овие премини се уште важни, бидејќи овозможуваат во иднина, при секоја потреба од поставување подземна инсталација, да не се копа улицата.“ – рече Бакрачески.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, обраќајќи се пред присутните рече дека Владата, ресорното министерство и Јавното претпријатие за државни патишта, во последните неколку години работат на подобрување на инфраструктурата во Република Македонија.

Во моментов се градат голем број автопати, магистрални и локални патишта. Како никогаш досега во РМ, се градат 132 километри нова автопатна мрежа, а тоа се патиштата од Кичево до Охирд, Скопје до Штип и Демир Капија до Смоквица. Сакам да истакнам дека последните години посветено работиме на подобрување на локалната патна мрежа. Заклучно со вчера, во последните четири години се изградени и рехабилитирани 640 километри локална патна мрежа во РМ., за што од Буџетот се издвоени 51 милиони евра. Во текот на оваа година, треба да завршиме со уште 19 локални патишта и проектот да заврши до 2015 година.“ – потенцира Јанакиески.

Премиерот Груевски најави дека во 2017 година ќе започне изградбата на марината во езерото, а во втората половина на 2015 пешачката патека од централното подрачје до Лабино.

Инаку, претседателот на Владата денеска ги посети обновените фасади во Стариот дел на градот како и градежните зафати на Плаошник.

OhridNews