Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ ќе прерасне во најсовремена здравствена институција, најавија кандидатите за пратеници од ВМРО- ДПМНЕ, информирајќи за проектот за реконструкција на болницата, содржан во изборната програма на партијата.
Како што истакна кандидатот за пратеник д- р Сашо Василевски, краен рок за реализација на проектот е 2017 година, а предвидено е реконструкцијата да се изведе во две фази.
– Првата фаза ќе опфати реновирање на централната стара болничка зграда, реорганизирање на амбулантите, лабораторијата, дијагностичките содржини и централна стерилизација, како и реновирање на операционите сали со интензивна нега и болничките одделенија, со оформување на бањи во секоја соба и комплетирање на одделенијата со сите потребни содржини, информира Василевски.
Реконструкцијата на овој здравствен објект е предвидено да се изврши со средства од буџетот на РМ во висина од 65 милиони денари.
Кандидатот за пратеник д- р Љубен Арнаудов потенцира дека втората фаза ќе трае од 2017 до 2019 година. Ќе опфати изградба на модерен Центар за интервентна кардиологија, каде во иднина ќе функционира Заводот за кардиологија- Охрид.
– Втората фаза предвидува дооформување на ортопедската болница и создавање услови за имплементација на проектот за Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Салите за интервентна кардиологија ќе бидат во ортопедската болница, изградени по сите европски станадарди кои се бараат за тоа, рече Арнаудов.
Задоволство од реализацијата на најавениот проект изрази градоначалникот Никола Бакрачески и поранешен директор на Заводот за кардиологија.
– Здравствениот систем беше во катастрофална состојба и без минимум услови за функционирање на објектите,во кои со години не беше инвестирано ниту се вршеше осовременување. Од 2006 година владата интензивно вложува во подобрување на здравствените услуги и здравствената нега. Се случија најголемите инвестиции во здравствениот систем. До сега инвестирани се над 100 милиони евра во современа опрема која на докторите во Република Македонија им даде моќни помагала во нивните раце кон подобра дијагностика и третман на заболувањата, рече Бакрачески.
Бакрачески додаде дека напорите на владата продолжуваат и во иднина, потенцирајќи ја грижата за воведување на систем за континуирана медицинска доедукација на медицинскиот персонал во реномирани центри во Европа и Америка.
OhridNews