Зеленчукот и овошјето не важно да изгледа убаво, за да бидат дел од нашата здрава исхрана. Значајно е ако тие се одгледани без користење на пестициди, хемикалии, вештачко ѓубре, како што тоа се повеќе се прифаќа во европските земји каде се поголемо внимание се посветува на производствоото на органска храна, велат од Еколошкото друштво Грашница чии членови веќе неколку години произведуваат здрава храна.

Нашите јаболка кои ги произведуваме можеби наизглед не се идентични со оние кои се произведуваат со употреба на разни хемикалии, но луѓето конечно треба да сфатат дека не е важен изгледот, туку многу повеќе квалитетот на она што го внесуваме преку нашата исхрана, велат од еколошкото друштво.

Тие потенцираат дека при производството на здравата храна применуваат околу 80% од критериумите кои се признаени и општоприфатени во светот при производство на органска храна. – Сепак овде во нашата средина сеуште нема развиено свест кај населението за тоа што значи органската храна и колкаво е нејзиното значење во исхраната, велат од Грашница од каде потенцираат дека нивна мисија останува постепено да ги запознаваат и останатите производители со значењето на здравата храна, која е прв чекор кон создавањето услови за одгледување на органски производи.

Во голем број земји во светот органската храна е дел од понудата во супермаркетите, која на амбалажата има знак дека станува збор за органско производство.

Во Македонија засега има околу 250 произвоодители на органска храна, односно таа се произведува само на 11 илјади хектари земја. 20 проценти од производството останува на домашниот пазар, а остатокот се извезува.

Инаку, органска храна е онаа која е одгледана или произведена по природен пат, без инсектициди, пестициди, вештачки ѓубрива, хормони за растење, антибиотици, вештачки адитиви, вештачки бои и храна која не е генетски модифицирана. При производството на органска храна сите машини се чисти, со цел храната да нема никаков допир со каква било хемикалија. Дури и при транспортот на органската храна се посветува големо внимание транспортното средство претходно да биде добро исчистено од било какви хемикалии кои би можеле да ја контаминираат храната.

OhridNews