Православните верници денес во Охрид во голем број ги посетија црковните храмови, молејќи се за здравје, мир и благосостојба. По повод празникот „Рождество на Господ Исус Христос“ – Божик, света божествена литургија има во сите парохиски цркви во Охрид, а централната Ахиерејска литургија беше во храмот Св.вмч. Георги – Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г.Тимотеј, информираат од Канцеларијата на Дебарско-кичевската епархија, Митрополија Охрид.
Божиќ е потврда за љубовта, милосрдието, човекољубието Божјо. Овој празник ни ја дава и смислата и значењето на животот. Ни укажува за големото милосрдие и човекољубие Божјо кон човекот, но во исто време ни укажува какво достоинство Бог му дарувал на човекот, бидејќи сите ние го носиме образот Божји, порачуваат свештените лица.
Утре на 08.01. 20222 година кога се празнува Собор на Пресвета Богородица ќе се служи Архиерејска литургија во храмот Св.Богородица – Челница, а на денот кога се празнува Св. првомаченик и архиѓакон Стефан (09.01.2022) ќе се служи Архиерејска литургија во храмот Св.вмч. Георги во Струга.
Од Дебарско-кичевската епархија го честитаат празникот на сите православни верници и упатуваат апел за почитување на препораките за заштита од Ковид-19.
Дебарско-кичевската епархија на своите православни верници им го честита празникот Рождество Христово со радосниот поздрав: Христос се роди! Навистина се роди! Воедно, апелираме до сите верници кои ќе присуствуваат на богослужбите да ги почитуваат препораките и мерките од Владата за спречување ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и сл.), како и држење на определеното растојание, велат од Канцеларијата на Дебарско – кичевската епархија Митрополија – Охрид.
К.А.













