Црквата света Софија е срцето на фестивалот Охридско лето кој започна токму таму со концерт на Ана Липша Тофовиќ и не треба да има никакви дилеми што значи катедралата за оваа манифестација. Ова меѓу другото го истакна музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифовска – Неделковска, по повод сега веќе надминатите проблеми околу настапот на уметниците во Св. Софија, предизвикани од недоразбирањата помеѓу Дебарско – кичевската епархија и Министерството за култура.
– Света Софија е најпрепознатливиот белег на нашиот фестивал. Сите уметници кои што доаѓаат во Охрид се импресионирани од амбиентот и посебно од акустиката која е најважниот момент за било кој уметник и фестивалот Охридско лето без таа црква би немал перспектива, така што да се стави крај на ова прашање и на сите овие дилеми. Фестивалот продоллжува, сите рециталните проекти ќе се реализиараат во црквата Св. Софија и нас ни е драго што ќе продолжи оваа традиција како и досега, изјави музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифовска – Неделковска.
Фестивалот Охридско лето денеска продолжува со настап на Македонскиот балет и балетска компанија “Егри Бјанко Данца“ од Италија, вечерва од 21 ч. на Долни сарај.












