Првиот Христов апостол Св. апостол Андреј наречен Првоповикан има значајно место во христијанската религија и во народниот живот, иако со неговото име и неговиот ден се поврзани малку обичаи и верувања.

Кога апостолите се растуриле по светот за да го проповедаат Евангелието, Андреј отишол во Византија, Тракија, Русија, Рим и.т.н. На Пелопонез во градот Патрас излечил многу болни и многу придобил за христијанската вера. Дури ги придобил и братот и снаата на градоначалникот поради што овој наредил да биде распнат на крст но не како Исус, туку во форма на буквата Х. Два дена и две ноќи 70-годишниот Св. апостол Андреј се мачел пред да испушти душа. За време на владеењето на цар Константин Велики неговото тело е пренесено од Патрас во Цариград и е поставено во црквата на Светите Апостоли. Подоцна главата му е пренесена во Рим каде што и денес со многу почести се чува во црквата Св. Петар.
Во народниот говор името Андреја асоцира на нешто јадро(крупно), па поради тоа е поврзано со верувањето дека од овој датум денот наедрува, се зголемува. Ваквото толкување на овој ден во Охрид го запишал Е. Спространов, а слични толкувања се запишани и во Прилеп, Крушево и др. места.
Во Петричко спроти празникот домаќинката во ново грне варела разни зрна: жито, пченка, боб, леќа и др., да наедруваат. Потоа секој фрлал во комината со молитва за добар род на земјоделските култури, а другото го јаделе.
OhridNews











