
Свети апостол и евангелист Марко се дружел со светите апостоли Петар и Павле, со нив прошетал многу места каде што го ширел христовото учење како Кипар, Рим и други места. Во Рим под директно влијание на Св. Павле го напишал Евангелието за кое се тврди дека е напишано десет години по Христовото вознесение.
По наговор на Св. Петар заминал за Египет, во градот Александрија станал епископ и многу народ покрстил. Неговата популарност и особено заслугите за ширењето на христијанството не можеле да му ги простат неверниците кои насилно влегле во црквата, го врзале и го влечеле по патиштата додека не ја предал душата на Бога. Од месното население бил погребан во близината на Александрија, а подоцна побожните жители на Млетачката република неговите мошти ги пренеле во Венеција и ги погребале во црквата за таа прилика изградена, што го носела името Евангелист Марко. И денес неговите мошти се наоѓаат во оваа црква, а тука има и ракопис на Евангелието по Марко за кое се смета дека е пишувано со неговата рака.
Црквата и плоштадот Сан Марко во Венеција
Евангелистот Марко настрадал во 68-та година за време на владеењето на императорот Нерон.
Jасминка Т. Момироска











