Светиот апостол и евангелист Марко, е еден од четворицата евангелисти автори на Новиот Завет од Светото Писмо. Роден е во Ерусалим, според едни бил ученик на Светиот апостол Петар, според други еден од седумдесете Христови ученици. Мајка му била побожна христијанка, сестра на Варнава. Во нејзиниот дом се собирале христијаните за молитви, а според некои сведоштва во нејзината куќа се одржала и светата Тајна вечера на Исус со апостолите.

По наговор на Св. Петар заминал за Египет, во градот Александрија станал епископ и многу народ покрстил. Неговата популарност и особено заслугите за ширењето на христијанството не можеле да му ги простат неверниците кои насилно влегле во црквата, го врзале и го влечеле по патиштата додека не ја предал душата на Бога. Од месното население бил погребан во близината на Александрија, а подоцна побожните жители на Млетачката република неговите мошти ги пренеле во Венеција и ги погребале во црквата за таа прилика изградена, што го носела името Евангелист Марко. И денес неговите мошти се наоѓаат во оваа црква, а тука има и ракопис на Евангелието по Марко за кое се смета дека е пишувано со неговата рака.
Евангелистот Марко настрадал во 68-та година за време на владеењето на императорот Нерон.
OhridNews











