Професорката Милена Главинчева, архитектот Димитар Зарчев и пратеникот Цветко Грозданов, се годишните добитници на наградата Свети Климент Охридски – патрон на Охрид, соопшти денеска Комисијата за доделување награди и признанија, одбележување манифестации и прослави на Советот на општината. Тројцата ја делат наградата Св. Климент Охридски за животно дело и особени достигнувања во афирмација на Охрид во републиката и надвор од неа, соопшти Комисијата.

На Главинчева покрај за професионалните достигнувања, признанието и се доделува и поради нејзините активности кои значат афирмација на Охрид. Таа е добитник на орден, а преку летната школа и организација на разни активности во странство голем број деца, дејци и културно-уметнички друштва биле презентирани во странство, истакна претседателот на Комисијата, Томислав Тунтев.

Образложувајќи во однос на вториот добитник, Димитар Зарчев, Тунтев истакна дека тој во својот работен век како архитект е идеен творец на неколку објекти кои се признати од повеќе стручни институции и претставуваат одреден препознатлив симбол за Охрид, а преку личен ангажман како претседател на Општина придонел за афирмација на нашиот град.

На актуелниот пратеник во Парламентот, Цветко Грозданов, признанието му се доделува за реалзиација на идејата за изградба на професионална атлетска патека на стадионот „Билјанини извори“ вредна 600.000 евра, која ќе придонесе за развој на спортот во нашиот град, за напорите за афирмација на атлетиката преку извршување на функцијата претседател на Атлетската федерација и како еден од поединците заслужни за заживување и подобрување на квалитетот на Охридскиот атлетски маратон, истакна Тунтев.


Претседателот на Комисијата, Томислав Тунтев, истакна дека таа при донесувањето на одлуката за доделување на наградата имала тешка задача затоа што станува збор за личности од три различни области. Во тој контекст тој најави дека ќе биде покрената иницијатива за измена на одлуката за востановување награди и признанија.

Комисијата додели и три признанија -Повелба Свети Климент Охридски – патрон на Охрид. Годинешни добитници се алпинистот Мишко Танески кој оваа година го освои врвот Ајланд Пик на Хималаи, познатиот угостител Љупчо Патчев за неговите бројни хуманитарни дела и ОМУ „Методи Патче“ за големата афирмација на Охрид на натпреварите во и надвор од државата.

Наградите и повелбите на добитниците ќе им бидат врачени на свечена седница на Советот на Општина Охрид, што ќе се одржи на 8-ми декември во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески.

Ohridnews