Во периодот кога е најтопло времето народот празнува три дена како што се вели од оган. Тоа се празниците посветени на Светите маченици Кирик и Јулита, Светиот маченик Антиоген и неговите 10 ученици и Светата маченица Марина (Огнена Марија).
Се верувало дека кој ќе работи во текот на овие празници ќе страда од оган, ќе му изгори куќата, или бидејќи е време за жетва само од себе или од небесен оган ќе се запали и ќе изгори целата сеидба, како пожнеаното така и нежнеаното. Некаде се верува дека ќе изгори само тоа што е пожнеано тој ден. Во народот овие три дена се нарекуваат Горешници (од оган-горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад, чурење-чадење на оган).
Дел од моштите на Светите маченици Кирик и Јулита беа чувани како вредна реликвија во црквата Света Богородица Болничка во Охрид која датира од 14 век но исчезнаа во кражба која се случи во мај 2006 година.
По повод празникот, денес, во црквата „Света Богородица“ – Болничка, Охрид, ќе се служи света архиерејска литургија со почеток во 9.00 часот, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.










