Житието вели дека Св. Георгиј е роден во Кападокија, Мала Азија, од богати, но чесни и побожни родители. Уште од детството останал без татко и мајка му заедно со него се преселила во Палестина каде што била родена. Таму го минал детството посетувајќи ги местата во кои Исус го проповедал своето учење и се стекнал со образование. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската. На 20 годишна возраст добил чин трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет. Подоцна кога умрела и мајка му целиот имот им го поделил на сиромашните.

Врз Св. Георгиј се применувани најсурови мачења. Бил положен на грб нозете му биле ставени во клада, а врз него турнале голем камен. Подоцна го ставиле на тркало под кое имало шајки кои му го парале телото. Кога и тоа не го поколебало го тепале со воловски жили, го ставиле во дупка полна со негасена вар и турале вода, му облекле усвитена облека, три дена го држеле закопан во земја само со главата над земјата, најпосле му дале да испие отров но и тој не делувал поради што му ја отсекле главата. Гледајќи ги овие страдања на Св. Георгиј, но особено брзото оздравување на раните и преживувањето на отровот, жената на Диоклецијан, Александра, го прифатила христијанството поради што била осудена на смрт.
На иконата Св. Георгиј е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот. И според легендата Св. Георгиј ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Во позадина се гледа женски лик. Тое е царицата Александра.
Многу семејства Св. Георгиј го имаат како домашен светец и заштитник. Бидејќи празникот се паѓа во Божиќните пости, Св. Георгиј е посна слава.
Јасминка Т. Момироска











