На трет ден Божиќ, православните христијани го одбележуваат споменот на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан.

„И додека тие чкртаа со забите, Стефан погледна и го виде небото отворено и славата Божја. Тоа што го виде тој им го објави на Евреите: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки кај седи од десната страна на Бога“ (Дела 7). Тогаш пакосниците го изведоа надвор од градот и го убија со камења. Меѓу неговите мачители беше и неговиот роднина Савле, подоцна апостол Павле. Во тоа време на некој камен во далечината стоеше Пресвета Богородица со Свети Јован Богослов и го гледаа мачеништвото на првиот маченик за вистината на нејзиниот Син и Бог, молејќи Го Бога за Стефана. Ова се случи една година по слегувањето на Светиот Дух на апостолите. Телото на Св. Стефан тајно го зеде и го погреба на својот имот Гамалиил, кнез еврејски, а потаен христијанин. Така заврши во слава првенецот меѓу христијанските маченици и се пресели во Царството на Господ Исус Христос.“
Празникот Св. Стефан традиционално свечено се одбележува во манастирот Св. Стефан во истоимената населба крај Охрид, кој е изграден покрај мала пештерна црква.
Пештерната црква „Св.Стефан” датира од IX век и е единствена црква посветена на овој светител во Македонија. За црквата е искористена една природна пештера која од јужната страна е преградена со ѕид од кршен камен. Во поново време реконструиран е надворешниот дел на манастирот, изградена е нова камбанарија на местото на старата, како и нови конаци.
OhridNews











