Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 22 јуни и се слави споменот на Светиот свештеномаченик Евсевиј, епископ Самосатски.

Во времето на Јулијановото гонење на христијаните Свети Евсевиј го слече свештеничкото расо и се облече во војничко руво, па така ги обиколуваше гонетите цркви по Сицилија, Финикија и Палестина, сегде утврдувајќи ја православната вера и поставувајќи свештеници, ѓакони и сиот потребен клир, а некаде дури и епископите ги поставуваше тој. Кога се прочу погибелта на Јулијан, Свети Евсевиј го посоветува Мелетиј да го повика Соборот во Антиохија во 361 година. Присуствуваа дваесет и седум архиереи, уште еднаш се осуди аријанската ерес, а се прогласи православната вера онака како што беше изразена на Првиот Вселенски Собор. Покрај Мелетиј и Евсевиј, на овој Собор особено се забележуваше Свети Пелагиј Лаодикиски, прочуен девственик и подвижник. Овој Собор беше во времето на благочестивиот цар Јовинијан. Но тој цар набрзо умре, а се зацари свирепиот Валент, со којшто повторно кон Православието се наврте прогонство. Свети Мелетиј беше прогонет во Ерменија, Евсевиј во Тракија, а Пелагиј во Арабија.
По Валент се зацари Грацијан, кој и даде слобода на Црквата и ги врати од прогонство архиереите на нивните места. Така се вратија: Мелетиј во Антиохија, Евсевиј во Самосат, а Пелагиј во Лаодикија. Во тоа време голем број епархии и парохии беа како вдовици, па Евсевиј ревнуваше да му најде на народот благочестиви пастири. Но кога дојде во градот Долихин со избраниот епископ Марин, за да го востоличи новиот архиереј, а да ја изобличи ариевската ерес којашто во овој град имаше голем замав, еден еретик-фанатик фрли од покрив ќерамида врз чесната глава на Свети Евсевиј и опасно го рани. Од оваа рана големиот Свет ревнител за Православието умре за да живее вечно во рајското блаженство. Пострада во 379 година.
OhridNews











