Од продажба на еколошки чисти производи од самоникнати овошки во природата може да се егзистира и живее. Во охридскиот регион постојат повеќе автохтони видови круши кои потекнуваат уште од времето на Отоманската империја, кои даваат еколошки чисти плодови. Нив не им е потребно прскање со хемикалии и вештачко ѓубрење, а се што треба да се направи е тие да се калемат два пати во годината, вели 75 годишниот Крсте Трајчески од охридското сeло Завој.
-Сакаме сливното подрачје на Охридското Езеро да го претвориме во оаза за производство на автохтони овошки кои немаат допир со хемија. Целта ни е од Поградец, Албанија, Охрид, Струга, Дебарца па и Вевчани, на планината Мокра, Галичица, Плаќенска планина, Илинска, Петрино да се создадат услови, да се мотивираат млади луѓе ентузијасти и се што е самоникнато стебло да се калеми. Ние калемиме само самоникнати стебла кои можат самостојно да живеат и да оформат сами свој плод.-истакна пензионерот Крсте.
Тој и уште еден негов соселанец 10 години ги калемат автохтоните видови круша во атарот на селото Завој, со што се спречува нивно исчезнување.
– На подрачјето имаме калемено повеќе стотини круши. Може да се живее од користење на добрата кои ги има во природата. За тоа е потребна љубов и работа. Може да се користат природните ресурси и тоа во голема мера, а ние не ги користиме. Зошто? Тука се собираат со тони печурка, смрека и друго богатство, може да се одгледува стока, се може, само доколку се мотивира младата популација. Затоа треба да се обрати внимание во образованието, треба да им се вткае љубов на децата кон природата.-рече Трајчески.
Мештаните ги калемат самоникнатите видови круши во природата ентузијастички, но тоа може да прерасне во доходовна дејност, сметаат еколошките здруженија. Тие посочуваат дека одредени видови круша во природата, како кантарката, даваат плод тежок и до половина килограм, кој е сто проценти еколошки чист.
– Овие круши што тука се одгледуваат се мали количини, но вредат на пазарот во Охрид по околу 2 евра за килограм. Многу мали количини се, замислете да има повеќе и да се пласираат на европскиот пазар. Да, има економска оправданост.-вели Борче Стојаноски од ЕД „Грашница“.
Македонското еколошки друштво и охридското Грашница, заеднички реализираат кампања за запознавање на јавноста со неискористените потенцијали во природата. По тој повод неодамна во новоотворениот конак во с. Завој крај Охрид, се оодржа работилница на која беше истакнато дека Македонија не користи ниту 10 проценти од природното богатство, како што се самоникнатите овошки, кои се отпорни на штеници и болести за разлика од вештачки создадените сорти и имаат животен век од 100 години.
Г.М.