Активностите ќе започнат утре, среда, со предавање “ГЛАУКОМ-ТИВОК КРАДЕЦ НА ВИДОТ”, што ќе се одржи во просториите на Црвен крст Охрид со почеток во 18:00 ч. Д-р Соња Филева, спец. офталмолог, ќе зборува за глаукомот како едно од најсериозните заболувања на органот за вид, начините за негово превенирање, дијагноза и лекување. Присутните слушатели ќе имаат можност од 7-10 март, во очното одделение при Општата болница да извршат бесплатни прегледи-мерење на очен притисок, совети и консултации со стручните лица.
Глаукомот е втора водечка причина за слепило во светот, после дијабетот. Во моментот во светот преку 66 милиони луѓе боледуваат од глауком, а се предвидува дека до 2020 год. бројката на заболени ќе достигне 80 милиони. Бројот на слепи од глауком, во светски рамки е 4,5 милиони, а до 2020 год. се предвидува тој број да биде 11,2 милиони слепи луѓе. Појавата на глаукомот е најчесто со неспецифични симптоми или потполно асимптоматска, поради што, превенцијата,а особено раното откривање, е основата во борбата против глаукомот.