Од 18 до 24 ноември глобално се одбележува Светската недела за свеста за антибиотиците (World Antibiotic Awareness Week), а на 18 ноември и Европскиот ден за свеста за антибиотиците (European Antibiotic Awareness Day). Целта на овие кампањи, поддржани од Светската здравствена организација (СЗО) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), е да се подигне глобалната свест за заканата што ја претставува антимикробната резистенција (AMR).

Што претставува антимикробна резистенција?

Антимикробна резистенција се појавува кога бактериите, вирусите, габите и паразитите развиваат способност да преживеат третман со лекови создадени да ги уништат. Како резултат, инфекциите стануваат потешки за лекување, третманите подолготрајни, а ризикот од компликации – значително поголем.

Антимикробната резистенција е една од најголемите закани за јавното здравје во 21 век.

Во светот секоја година умираат стотици илјади луѓе како последица на инфекции кои повеќе не реагираат на антибиотска терапија. Прекумерната и неправилна употреба на антибиотици кај луѓе и животни е главен двигател на резистенцијата. Отпорните микроорганизми се шират и преку животната средина – вода, почва и отпадни води.

Глобалната кампања по повод Светската недела за свеста за антибиотиците има за цел да потсети дека антибиотиците се ограничен ресурс. Доколку продолжи несоодветната употреба, светот ризикува да влезе во ера во која вообичаени инфекции, па дури и едноставни хируршки зафати, ќе станат опасни.

Затоа, посочуваат експертите, треба да се внимава кога и како се употребуваат антибиотиците.

  • Антибиотиците не лечат вирусни инфекции, како што се настинка или грип.
  • Антибиотик треба да се зема само со лекарски рецепт и точно според упатството.
  • Никогаш не треба да се користат „останати“ антибиотици или да се делат со други лица.
  • Во ветеринарната медицина и земјоделството исто така е неопходно рационално користење, заради ширење на резистентни бактерии преку храна и животни.

Светската недела и Европскиот ден за свеста за антибиотиците потсетуваат дека секој од нас – од граѓаните, здравствените работници до ветеринарите и институциите, има улога во борбата против антимикробната резистенција. Одговорното користење на антибиотиците денес значи заштита на здравјето утре.

OhridNews