Во светот денеска се проценува дека  33 милиони луѓе се инфицирани од ХИВ вирусот. Во Македонија од 1987 година до денеска се регистрирани вкупно 111 инфицирани од ХИВ вирусот, од кои 60 починале. Во 2008 година се регистрирани осум нови случаи.  Во Охрид според Заводот за здравствена заштита не е регистриран ниту еден случај на СИДА. Меѓу заболените најбројна е  сексуално активна популација од 23 до 40-годишна возраст, пред се машкиот пол. Во најголем дел болеста се пренесува преку хетеросексуален начин.

Светскиот ден на борба против Сидата -1 Декември,  светот започна да го одбележува пред 20 години. Годинава тој се одбележува под мото  „лидерство“, како повик до поединците, организациите и владите да преземат водство во справувањето со СИДА-та. Централната свеченост по повод светскиот ден на борба против СИДАТ-та во земјава ќе се одржи во Скопје, а со низа активности на Црвениот крст тој ќе биде одбележан и во Охрид. Волонтери на општинскиот Црвен крст попладне  на повеќе локации во градот ќе делат едукативни материјали и презервативи со што и Охрид ќе се вклучи во глобалната кампања за борба против СИДА-та.

Г.М.