Денеска, 27 септември, се одбележува Светскиот ден на туризмот – сектор кој поврзува култури, создава работни места и претставува значаен двигател на локалниот и економскиот развој. За Македонија, а особено за Охрид како водечка туристичка дестинација во земјата, овој ден е повод да се потсетиме на вредностите што ги поседуваме, но и на одговорноста тие да бидат зачувани и надградени.

Охрид и Охридското Езеро имаат ретка комбинација на природно и културно наследство. Охридскиот регион е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО поради неговите исклучителни природни и културни вредности. Древното езеро, богатото културно-историско наследство, старата градска архитектура, сакралните објекти, традицијата, гастрономијата и современата туристичка понуда го прават Охрид најпрепознатливиот туристички бренд на Македонија.

Странските гости го презедоа приматот

Бројките покажуваат дека македонскиот туризам во изминатите децении значително се трансформира. Во 2025 година земјата ја посетиле 1.336.597 туристи, од кои дури 916.001 биле странски. Тоа значи дека странските гости сочинувале речиси 69 проценти од вкупниот број туристи.

Позитивниот тренд продолжува и во 2026 година. Во периодот јануари – јули во земјата се регистрирани 741.446 туристи и 1.760.335 ноќевања. Во однос на истиот период минатата година, бројот на туристите е зголемен за 1,5 проценти, а бројот на ноќевањата за 0,5 проценти. Кај ноќевањата на странските туристи е забележан раст од 2 проценти.

Но, за Охрид како туристички центар, предизвикот одамна не е само колку туристи ќе пристигнат. Сè поважни стануваат должината на нивниот престој, квалитетот на понудата, продолжувањето на туристичката сезона, економскиот ефект за локалната заедница и, пред сè, одржливото управување со просторот и природното и културното наследство.

Светското наследство носи и светска одговорност

Туристичкиот развој на Охрид има и друга страна, обврската да се зачуваат исклучителните природни и културни вредности поради кои Охридскиот регион е дел од светското наследство на УНЕСКО.

Комитетот за светско наследство на својата 48. сесија во 2026 година повторно изрази сериозна загриженост за состојбата во Охридскиот регион. Иако е нотиран напредок во одредени области, оценето е дека целокупниот напредок во справувањето со факторите што ги загрозуваат исклучителните универзални вредности на регионот останува ограничен.

Меѓу проблемите се урбанистичкото планирање и дивоградбите, развојните притисоци, недоволната прекугранична координација, како и прашањата поврзани со отпадните води и управувањето со отпадот. Кумулативното влијание на различните притисоци врз регионот останува едно од клучните прашања за неговата долгорочна заштита.

Комитетот побара од Македонија и Албанија итно и континуирано да работат на корективните мерки и препораките од мониторинг-мисиите. Двете земји треба до 1 февруари 2029 година да достават заеднички извештај за преземените корективни мерки, по што е предвидена и нова реактивна мониторинг-мисија на УНЕСКО, ИКОМОС и ИУЦН. До 1 декември 2030 година треба да биде доставен и ажуриран извештај за состојбата на Охридскиот регион.

Тоа е јасен сигнал дека туристичкиот развој и заштитата на Охридскиот регион не можат да се набљудуваат одвоено. Поголемиот број посетители носи економски придобивки, но истовремено го зголемува притисокот врз просторот, инфраструктурата и природното и културното наследство.

Туризмот влегува во нова, дигитална ера

Светскиот ден на туризмот годинава го отвора и прашањето за иднината на патувањата во дигиталната ера. Новите технологии и вештачката интелигенција веќе го менуваат начинот на кој туристите избираат дестинации, резервираат сместување, ги планираат патувањата и ги споделуваат своите искуства.

Тоа претставува можност и за Охрид, преку современа промоција, дигитализација, подобри услуги и нови туристички производи да привлекува гости во текот на целата година, а истовремено да го зачува она поради што тие доаѓаат.

Токму тука се наоѓа и еден од најголемите предизвици за идниот развој на охридскиот туризам,  не само повеќе туристи, туку подолг престој, поквалитетна понуда и поголема економска вредност, со помал притисок врз природното и културното наследство.

Светскиот ден на туризмот затоа за Охрид е повеќе од симболичен датум. Тој е потсетник дека градот и езерото се меѓу највредните туристички адути на Македонија, но и наследство чија вредност ќе зависи од начинот на кој ќе го развиваме и чуваме.

Охрид треба да остане македонската туристичка разгледница пред светот, но и вредност што ќе им ја оставиме зачувана на генерациите што доаѓаат.

Г.М.