Според сите показатели, годинава ќе бидат постигнати очекуваните резултати во туризмот, оценија денеска министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

На прес-конференцијата по повод 27 Септември, Светскиот ден на туризмот, Бектеши и Јаневски истакнаа дека секторот се соочува со многу предизвици, посебно во услови на економска и енергетска криза, но навреме се преземаат соодветни мерки за нивно надминување.

Во периодот јануари – јули годинава во однос на истиот период лани бројот на туристи е зголемен за 53,3 отсто или за 13,7 отсто кај домашните и за 109,9 кај стртанските. Иако овие бројки се за поздравување, свесни сме дека сегашната криза со електричната енергија создава голем проблем во туристичката и угостителската индустрија. Кризата од недостигот на кадар е исто така во нашиот фокус. Работиме на изнаоѓање решенија. Туризмот е и ќе биде приоритет на Владата. Но, решенијата не можеме да ги најдеме сами, без останатите од секторот. Очекувам од коморите и бизнисот конкретни предлози, а од науката совети за надминување на предизвиците кои се пред нас, нагласи Бектеши.

Тој потсети дека сепак, резултатите се добри, а Барометарот на Светската туристичка организација од југли годинава покажува дека земјава е на 5. Место за најповолкна афирмирана туристичка дестинација од странските туристи.

Може да се пофалиме дека во 2022 година ќе успееме да ги постигнеме резултатите: 2,6 милиони ноќевања и нешто повеќе од 400 милиони долари девизен прилив. Очекувам со август да ја поминеме бројката од два милион ноќевања. Ако ги споредиме податоците од Светската туристичка организација за 2019 година со истиот период годинава ќе видиме дека сме над 20 проценти во плус. Тоа покажува дека сме ги засукале ракавите и дека добро сме планирале, а преку Координативното тело овозможивме да зборуваме за позитивни резултати, истакна Јаневски.

Според него, земјава може во 2023 година да ги надмине бројките во туризмот од 2019 година.

Годинава мотото на Светскиот ден е „Ритинк туризам“, а наместо признанија за успешни туристички агенции и хотели, на прес-конференцијата беа доделени признанија за животно дело во туризмот.

OhridNews