Страсни колекционери на слики од Швајцарија, Германија, Австрија, Франција, САД, Аргентина и од неколку балкански земји, во своите колекции грижливо чуваат уникатни уметнички дела насликани од врвниот охридски и македонски уметник Вангел Наумовски.

Добрите познавачи на уметноста, упатените ликовни критичари и истражувачи велат дека сликите од овој истакнат и потврден ликовен виртуоз, кој македонската уметност ја прослави пред светската јавност, ги красат ѕидовите на домовите и канцелариите на многу истакнати политичари, бизнисмени, познати лекари, јавни личности и љубители на уметноста на сите континенти.

Сепак неговите најважни и најдраги дела од неговиот творечки опус, кои за него имале големо емотивно значење се останати во Охрид и Македонија, а по неговата смрт настрана од очите на јавноста ги чуваат неговите потомци.

Одбележувањето на 60 годишнината од неговата прва самостојна изложба која се одржала во Охрид во 1954 година е главната причина поради која неговото семејство одлучи овие ексклузивни дела да ги собере на едно место и да ги изложи во рамки на изложбата „Големото срце и ум на Вангел“. Изложбата која ќе биде отворена во галеријата и ателјето во неговата семејна куќа во Охрид, ќе биде достапна за разгледување од денеска до крајот на летото. Изложбата се организира под покровителство на фестивалот Охридско лето.

Ексклузивни дела

-Изложбата во суштина ќе биде во духот на традицијата која мојот татко ја негуваше од 1987 година. Тој секој Илинден, некаде до 2000-та година организираше годишни изложби на кои ги презентираше своите дела. Заедно со останатите членови на семејството сметавме дека оваа изложба на некој начин е негова желба, но и морална обврска и спрема неговиот спомен, но и спрема љубителите на неговата уметност, кои несомнено ги има многу, вели неговиот син Рубенс Наумовски.

На изложбата ќе бидат изложени делата „Зачетокот на вечноста“, „На предлот на изворот“, „Вечно време“, „Велигденска ноќ“, „Зелена оаза“ како и уште 15-тина други ексклузивни слики со потписот на Вангел Наумовски.

-Дел од сликите кои ќе бидат изложени во галеријата биле дел од многу значајни и светски изложби. Тие биле изложувани  заедно со дела на најсовремените сликари на 20-тиот век. Се работи за семејни слики кои се чуваат во рамки на потесното семејството и сите се со посвета. Тоа се дела кои татко ми не сакал да ги отуѓи бидејќи му биле посебно драги нему, на мојата покојна мајка, мене или на моите сестри. Во рамки на изложбата во ателјето, каде што сликаше ќе бидат изложени 9 фотографи на негови архитектонски скулптури кои беа дел од изложба во Рим, објаснува нашиот соговорник.

Тој се сеќава дека неговиот татко Вангел со посебно возбуда и трема ги доживувал подготовките за секоја илинденска изложба.

-Секогаш вложуваше макимални напори и за избор на поставката, за самата програмата и за целкупната организација на изложбите. Се трудеше изложбата да биде поразлична од вообичаените уметнички изложби, па секогаш неговите изложби без збогатени и со настапи на познати музички уметници. Сакаше секогаш публиката да биде задоволна, не само од сликите кои што ќе ги види туку од самата атмосфера. Можам да кажам дека неговите изложби беа многу посетувани и на нив низ годините продефилираа многу познати имиња од македонската култура, политика, како и претставници на научната јавност, раскажува господинот Рубенс, потенцирајќи дека ќе се потрудат отварањето на јубилејната изложба да наликува токму на изложбите кои биле препознатлив белег на Вангел Наумовски.

Почитувачи од целиот свет.

Обемното творештво на Вангел Нумовски било изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и во странство.

-За мене највпечатлива е збирката на слики од Вангел која ја има Хрватскиот музеј на народна уметност. Таму има една прекрасна поставка од елитни платна кои го имаат опфатено целиот период. Изложени се цртежи и слики од сите техники кои ги работел. Имам сознанија за богати  приватни колекции на негови слики во Швајцарија и Германија, но и за поединечни слики во приватни домови во многу странски земји, вели неговиот син Рубенс.

Тој се сеќава дека неговиот татко имал и многу почитувачи кои буквално биле вљубеници во неговата уметност од Аргентина и САД, кои специјално доаѓале во Охрид за да ги видат или да ги купат неговите дела.

За квалитетот на неговата уметност говорат и пофалните написи од уметничките критичари како и коментарите на светските уметници. Како на пример врвниот Салвадор Дали по посетата на самостојната изложба на Вангел Наумовски во Франција изјавил „Ова е сликар од бајките”.

Охрид треба да има постојана поставка

Почитувачи на делото на Вангел има и во Охрид и Македонија, а ретко кој знае дека 14 негови слики се изложени во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“.

-Во Охрид благодарение на познатиот ортопед Перо Мостро, кој во минатото беше директор на специјалната болница и голем љубител на уметноста на татко ми,  откупи 14 негови дела, кои ги изложи во просториите на болницата, се потсетува господинот Рубенс.

Според него делото на Вангел Наумовски е богатство за Охрид и Македонија и треба да се изнајде начин истото соодветно да се презентира пред јавноста на постојана музејска поставка.

Инаку пред неколку дена во Куќата на Уранија беше отворена уште една изложба  со дела на Вангел Наумовски по повод 90 години од неговото раѓање.

Вангел Наумовски е роден во Охрид во 1924 година, а води потекло од охридското село Скребатно. Целиот свој животен и работен век го поминал во Охрид, а починал на 13 јуни 2006 година.

Е.М