Високо на планината Караорман, над историското село Црвена Вода, полека се издига современ мултинаменски комплекс, кој целосно ќе ја промени туристичката слика на руралната општина Дебрца. СРЦ „Бела Каса“ (Bella Casa) ќе изобилува со содржини, кои во најмала рака ќе бидат додадена вредност на, засега скромната, но со голем потенцијал туристичка понуда на Дебрца.

Првата десеттина од комплексот е ресторанот „Bella Casa“ кој официјално започна со работа денеска. Го сефтосаа добронамерници од околијата, Охрид и Струга, а наминаа и угостители, новинари и весела група ловци на адреналин на две и четири тркала.

Овој објект во иднина ќе биде дегустациски ресторан. Подолу ќе биде изграден голем ресторан за 200 гости, неколку бунгалови за сместување, терени за спорт и рекреација. Комплексот ќе има сопствена фарма за домашни животни и живина, како и фарма со убаво одгледани коњи кои веќе ги освоија срцата на посетителите, ни раскажа накусо Васко Граждани, нашинец од Мала Преспа, сопственик на комплексот кој го гради заедно со неговата вредна сопруга Кате, по потекло од Црвена Вода.

Зад Васко и Кате веќе стојат десеттици преубави градби од камен и фини материјали низ цела Македонија, на кои стои препознатливиот потпис на нивната градежна фирма „Убавина“. Нивните вредни градителски раце изградиле многу куќи, цркви, комплекси… Сега на ред е „Bella Casa“. Според најавите на Кате, до почетокот на зимата ќе никнат два сместувачки капацитети, а потоа ќе има уште.

Понудата на ресторанот „Bela Casa“ е внимателно креирана, со одбрани плодови од недопрената природа и специјалитети кои ја будат фантазијата на секој гурман.

До комплексот води тесен селски пат кој минува низ Црвена Вода и завршува со макадам, кој, како што велат сопружниците и градители Васко и Кате, наскоро ќе биде заменет со убав пат. Сеедно, затоа што кога ќе стигнете до комплексот во далечината се пружа глетка од која запира здивот, планини, полиња, долини, се до Пелистер. А мирот и чистиот воздух кој може да се почувствува на 1250 над морето во височините на Караорман, го прават ова место едноставно прекрасно.

Г. Момироски
Фото: OhridNews