Делегација на општина Охрид, составена од градоначалникот Никола Бакрачески, претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска и секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, вчеравечер, воочи големиот празник Илинден, положи свежо цвеќе пред споменикот на Илинденците во Велгошти.
Пред присутните се обрати градоначалникот Бакрачески, кој го потенцираше значењето на овој ден.
– Денес, во предвечерието на најголемиот и најсветлиот македонски празник, Илинден, ми претставува особена чест и пријатно задоволство, да присуствувам во историското и слободарско Велгошти. Истовремено, не можам да не го истакнам чувството на неизвеснот од актуелниот политички миг и можното историско премрежје, кое можеби ќе го минуваме во иднина. Но она што никако не е и не може да биде спорно е дека токму овде е формирана првата востаничка чета, како зачеток на макотрпната борба за слобода која денес ја уживаме, рече градоначалникот Бакрачески.
Традиционално воочи Илинден, во Велгошти политички партии, здруженија на граѓани како и поединци се поклонуваат и положуваат свежо цвеќе пред спомен обележјето на Илинденците, а вечерта е збогатена со културно–уметничка програма.
OhridNews















