Светот е во паника по појавата на новиот облик на свински грип (Х1Н1) кој усмрти околу 80  лица во Мексико, а со него се заразени уште илјадници луѓе, од кои дел и во Соединетите американски држави. Стравот дотолку е поголем што индиции за заразени лица од свински грип има и во други држави на други континенти.

Министерот за здравство на Нов Зеланд, Тони Рајал изјави денеска дека анализите за грип кај 10 гимназијалци кои неодамна биле во Мексико се позитивни и „веројатно“ се работи за свински грип, иако тоа медицински сеуште не е потврдено.

Мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон издаде указ со кој се даваат вонредни овластувања на Владата со кои се дозволува воведување карантин за да спречи ширење на вирусот. Училиштата и музеите веќе се затворени, а спортските и културни настани се откажани поради епидемија на болеста. Светската здравствена организација на итна седница синоќа ја прогласи појавата на свински грип во Мексико и САД за „настан кој ја загрижува меѓународната заедница во поглед на здравјето“.

Голем број држави преземаат мерки за да спречат евентуално ширење на вирусот. Така дел од нив го забранија или ограничија увозот на месо од Мексико и САД и ги засилија контролите на патниците.

На руските аеродроми од денеска се воведуваат посебни мерки за контрола за патиниците кои пристигнуваат од Северна Америка и пред се од Мексико, а националната служба за ветеринарна и санитарна контрола од денеска го ограничува увозот на месо од Мексико, дел од држави во САД и држави од Карибите. Слични мерки презедоа и некој држави во регионот, како Србија која го забрани увозот на свинско месо од Мексико.

Состојбата со внимание се следи и во Македонија. Министерот за здравство Бујар Османи одржал итен состанок со Комисијата за заразни заболувања и консултации со СЗО, на кој тој бил информиран дека Свинскиот грип кој владее во Мексико и зафати подрачја на САД, засега се нема проширено во поголеми светски рамки.

-Во Македонија, регионот и цела Европа во моментов нема знаци на ширење на болеста и не треба да се создава паника, подвлече министерот Османи.

Тој информираше дека се врши надзор на патниците и движењето на храната и најави дека иако Македонија не  увезува свежо месо од подрачјата зафатени со свинскиот грип, комисијата за пандемски грип најверојатно ќе донесе одлука за забрана на увоз.  

Симптомите на свинскиот грип се атипчни и доведуваат до разни компликации на дишните патишта кои може да завршат фатално. Лекарства против тој вирус нема, а  најголемите фармацевтски компании активно работат за создавање вакцина против тој вирус.

Ohridnews