На протестот што се одржа денеска пред претставништвото на Европската комисија во Софија, за наводна одбрана на правата на Бугарите во Северна Македонија, кој уследи по физичката пресметка во Охрид во која е повреден Христијан Пендиков, секретар на клубот „Цар Борис Трети“, изнесени биле обвинувања на адреса на македонската полиција, вклучително и на охридската. Најбројни на протестот, кој го најави контроверзниот бугарски политичар и европратеник, Ангел Џамбаски, биле симпатизери и претставници на партијата ВМРО-БНД.

На изнесените напади денеска реагираше СВР Охрид.

Најостро ги демантираме дезинформациите изнесени од поединци на протестот во Бугарија и уште еднаш ја известуваме јавноста дека МВР односно СВР Охрид во координација со надлежното обвинителство ги презеде сите неопходни мерки и активности за расчистување на нападот врз Х.П. Веќе се приведени три лица, а по насоки на ОЈО продолжуваме со преземање на дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот. – вели во реакцијата портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Сите информации се јавно објавени и достапни и вакви дезинформации прават штета и подгреваат нетрпение и недоверба помеѓу граѓаните, додава Димоски.

Г.М.