Секторот за внатрешни работи е современа полициска организација , демократска институција во чиј фокус на интерес се граѓаните и нивната безбедност, рече портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски обраќајќи се пред присутните на пригодната свеченост која денес се одржа по повод Денот на македонската полиција .
– Деноноќно макотрпно и посветено работиме на подигнување на степенот на безбедност на градот и околината . Полициската работа не е лесна, наш императив е поддршката што ние како вработени ја добиваме од граѓаните и институциите со кои СВР соработува. Заедно работиме на решавање на безбедносните проблеми и предизвици, рече Димоски потенцирајќи дека СВР Охрид во изминатиот период бележи намалување на бројот на случени кривични дела.
Во првите три месеци од 2014 на подрачјето кое го покрива секторот се случиле 34 кривични дела кражби, додека пак во истиот период минатата година биле евидентирани 35. Намален е и бројот на случени сообраќајни незгоди, во првото тромесечје од годинава евидентирани се 65 , за 18 помалку споредено со истиот период минатата година. Како што информира Димоски, евидентиран е успех и во сузбивањето на наркокриминалитетот.
Димоски додаде дека СВР Охрид и во наредниот период продолжува со грижата за безбедноста и ќе работи на зголемување на посветеноста и професионалниот пристап, користејќи ги сите искуства за решавање на проблемите.
Во рамки на одбележувањето на Денот на македонската полиција, пригодна програма се одржа и во детската градинка „Јасна Ристеска“ со која СВР заедно го реализира проектот „За мојата безбедност се грижиме јас и мојот пријател полицаец“.
За учениците од македонските, албанските и турските паралелки од Основното училиште „Братство и единство“ во кругот на противпожарната единица, беше реализиран и сообраќаен час и се изврши презентација на дел од материјално-техничките средства на Секторот за внатрешни работи.
Т.К.