За три дена сообраќајните полицајци евидентирале над педесет прекршоци, а исто толку  лица се писмено и усмено предупредени. Нешто помал е бројот на пешаците кои од страна на полициските службеници се повикани на сообраќајна поука како посебна превентивна сообраќајно-воспитна мерка, соопшти СВР Охрид.


Пешаците не ги почитуваат сообраќајните правила

   
Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од Охрид, покрај редовните мерки, деновиве отпочна со примена на зајакнати активности кон пешаците како категорија на учесници во сообраќајот. Од страна на  униформираните полициски службеници, на повеке сообраќајници низ градов, се вршат интензивни контроли на почитувањето односно непочитувањето на сообраќајните  правила и прописи и патната сигнализација. Притоа, констатирани се низа прекршоци кои ги прават пешаците, а кои директно негативно се одразуваат врз нивната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Евидентирани се прекршоци по низа основи како: некористење на тротоари и други површини наменети за движење на пешаците, непотребно задржување или неправилно преминување на коловозите, непочитување на светлосните и другите знаци што ги дава сообраќаецот, непочитување на светлосната сигнализација, непочитување на пешачките премини и другата хоризонтална и вертикална сигнализација и сл, информираат од полицијата.


Во оваа акција на сообраќајната полиција која има превентивен карактер, на пешаците им се делат и едукативни флаери со наменска содржина за безбедно движење низ сообраќајниците.

Ohridnews