Иако, немаше официјално пријавување на настанот, сепак полициски службеници, на 20-ти овој месец во попладневните часови, извршија преглед на поширокото подрачје на населбата „Канео“. Остварен е контакт со лицата кои ги стопанисуваат плажите и угостителските објекти. Според кажувањето на двајца од нив, вкупно тројца капачи се пожалиле на непријатни трпки додека пливале, додека други поплаки од таков облик немало, иако тој ден плажите на „Канео“ биле преполни со капачи. Од извршените визуелни прегледи, полициските службеници не забележаа испуштени кабли од електрична инсталација во водите на езерото, што би можеле да бидат опасност по граѓаните и капачите. На угостителските објекти биле забележани заштитени кабли за сијалици од 24 волти кои во моментот не биле вклучени како и воздушно поставени кабли за осветлување на терасите, кои немале никаков контакт со водата, се наведува во испратениот допис од СВР- Охрид.
Во него се наведува дека следниот ден, од нивна страна бил инициран дополнителен преглед на електричната инсталација на објектите во населбата „Канео“, во кој се вклучиле и екипи на ЕВН подружница Охрид и претставници на јавното претпријатие „Нискоградба“, кое стопанисува со пумпната станица за канализација, лоцирана во непосредна близина на плажите.
– По извршените мерења на заземјувањето, стручните лица од ЕВН, евидентирале 06 Ома-дозволено заземјување во просторијата каде се наоѓала електричната табла, односно 450 до 490 Ома во просторот кај електромоторите. Претставник на ЕВН, не констатирал дефект на мрежата на ЕВН. Според „Нискоградба“, на 18-ти овој месец, во вечерните часови, дошло до дефект на моторите, кои автоматски се исклучиле од работа, по што еден од нив бил изваден за поправка, информираат од СВР- Охрид.