СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на лица кои лажно се претставуваат како службени лица и вршат измами, претежно на повозрасни граѓани од Охрид, со телефонски јавувања за наводно случена сообраќајна несреќа со жртви или тешко повредени лица – членови на нивните семејства.

Притоа, користејќи ја нивната вознемиреност и загриженост, од нив изнудуваат парични средства. Апелираме до граѓаните, посебно до повозрасните, да не наседнуваат на вакви и слични измами, преку повици добиени од непознати лица и секој таков случај да го пријават на телефонскиот број 112 или во најблиската полициската станица, велат од СВР Охрид.

И на социјалните мрежи се повеќе се информира за вакви случаи, а и самите граѓани се предупредуваат меѓусебе да се внимава, да не се наседнува на вакви измислени приказни.

Неодамна 74-годишна жителка на Охрид, во СВР Охрид пријави дека околу 13 часот, телефонски добила известување за сообраќајна несреќа во која, наводно, била тешко повредена нејзината ќерка и дека итно ѝ биле потребни пари за помош и исплата на оштета. Според пријавата, на едно лице кое дошло пред нејзиниот дом, таа му дала околу 3000 евра.

Истиот ден, во СВР Охрид е пријавено и дека повозрасна жителка од охридско село била измамена од едно лице, кое ѝ побарало и добило 300 евра, поради наводен долг на нејзиниот син кој живее во странство.

OhridNews