Во текот на месец јули годинава, во СВР Охрид пријавени биле десеттина кражби од плажи и моторни возила паркирани на паркинг простори на крајбрежјето. Предмет на кражбите биле паричници, мобилни телефони, фотоапарати, мали видео камери, а неретко и лаптоп компјутери и други поситни предмети, информира денес портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.


Со цел заштита од кражби, од СВР Охрид информираат дека се преземаат повеќе превентивни проекти кои имаат едукативен карактер и значат запознавање на граѓаните со потребата од заштита на вредните предмети и другата лична сопственост што се остава по плажите. Проектите се реализираат преку отсекот за превенција и велосипедската полициска патрола, Црвениот крст од Охрид  низ директен контакт и разговор со  граѓаните и туристите низ градот и плажите, со давање кратки совети, давање флаери со пригодна содржина како и друг пропаганден материјал. 

–    По плажите постојано се присутни полициски службеници во цивилна облека како и велосипедската полициска патрола кои имаат проактивна, но и реактивна улога. Тие имаат задача да ги превенираат кражбите, но и да ги пронаоѓаат сторителите, рече Димоски.


Портпаролот на денешната прес конференциија информира и за бројот на евидентирани казнени дела во текот на летната сезона во 2012.

Во текот на јули и август 2012 година, биле евидентирани вкупно 150 казнени дела  што претставува зголемување за 34 проценти во однос на истиот период во 2011 година кога СВР Охрид евидентирал 112 казнени дела. За време на ланската туристичка сезона , во СВР Охрид регистрирани биле 13 казнени дела „Кражба“ и едно „Тешка кражба“ извршени на плажите.


Димоски потенцира дека карактеристично за туристичката сезона е што казнените дела се извршуваат во згодна прилика кога луѓето своите предмети ги оставаат на плажите необезбедени  и влегуваат на капење. Често пати кражбите биле вршени кога вредни предмети биле оставани на шанковите по угостителските објекти на плажите, при што сторителите користејќи го невниманието одземаат паричници, мобилни телефони, фотоапарати, мали видео камери, неретко лаптоп компјутери како и други поситни предмети. Најголемиот број сторители на кражби биле лица од Скопје, Прилеп и Битола.

Минатата туристичка сезона , при службените активности повредени биле пет полициски службеници, но не биле  регистрирани тешки казнени дела против животот и телото.

OhridNews